Вештачка интелигенција за градови – Што треба да знае секој граѓанин и градоначалник

Со локалните избори во октомври, начинот на кој ќе се управува со градовите во Македонија е повторно во фокус. Одлуките што ќе се донесат сега ќе го обликуваат начинот на живеење и работа во годините што доаѓаат. Тука на сцена стапува вештачката интелигенција (ВИ), не како помоден збор или некоја далечна технологија на иднината, туку како практична алатка која веќе денес ги подобрува градовите ширум светот.

Пишува: Тони Поповски / 12.10.2025

Градовите растат, предизвиците се зголемуваат, а ресурсите се ограничени. Сообраќајните метежи, загадувањето, проблемите со управување со отпадот и застарената инфраструктура предизвикуваат секојдневни фрустрации за жителите низ Македонија. Градските власти се под сè поголем притисок да обезбедат подобри услуги, но често немаат соодветни алатки, буџети и податоци за да реагираат ефикасно.

Со локалните избори во октомври, начинот на кој ќе се управува со градовите во Македонија е повторно во фокус. Одлуките што ќе се донесат сега ќе го обликуваат начинот на живеење и работа во годините што доаѓаат.

Тука на сцена стапува вештачката интелигенција (ВИ), не како помоден збор или некоја далечна технологија на иднината, туку како практична алатка која веќе денес ги подобрува градовите ширум светот.

Замислете семафори кои се прилагодуваат во реално време за да го намалат метежот, системи за собирање отпад кои автоматски ги оптимизираат рутите или водоводни мрежи кои предвидуваат дефекти пред да се појават. Ова не се научнофантастични идеи, тоа се реални решенија кои веќе се применуваат во градови како Питсбург (САД), Лондон (Велика Британија) и Хангжу (Кина).

Прашањето повеќе не е „Дали ВИ ќе ги трансформира нашите градови?“, туку
„Како можеме мудро да ја искористиме за да го подобриме животот на сите?“

Овој блог серијал има намера да одговори токму на тоа, започнувајќи со едноставно објаснување што е ВИ, зошто е важна и како може да помогне да изградиме подобри урбани средини, се со цел да се унапредат условите за живеење во Македонија.

Што е всушност ВИ?

Вештачката интелигенција, можеби звучи како нешто од научнофантастичен филм, но во својата суштина таа е начин компјутерите да „мислат“ и да постапуваат интелигентно.

ВИ е моќна алатка која може да учи од податоци, исто како што учат и луѓето.

На пример, анализирајќи илјадници податоци за сообраќајни текови или потрошувачка на вода, ВИ може да препознае обрасци и трендови многу побрзо отколку кој било тим на луѓе.

Откако ќе ги „научи“ овие модели, ВИ може да предвиди што најверојатно ќе се случи следно. За илустрација - да предвиди каде има зголемен ризик од сообраќајна несреќа или каде ќе пукне цевка, за проблемот да се спречи пред да настане.

ВИ е особено добра во автоматизирање на рутински задачи кои инаку одземаат многу време на градската администрација. Без разлика дали станува збор за обработка на барања за дозволи за градба или за одговарање на истите прашања на граѓаните одново и одново, ВИ може да го преземе овој дел од работата брзо и прецизно, ослободувајќи им време на вработените да се посветат на покомплексни предизвици.

Покрај анализирањето и автоматизацијата, ВИ веќе има способност дури и да создава нови содржини, од текстови и фотографии до 3D модели на цели населби, кои урбанистите може да ги користат за да ги визуелизираат промените пред тие да бидат изградени.

Ако сè уште звучи апстрактно, видете ја само Google Maps. Оваа алатка најверојатно ја користите секојдневно. Таа собира податоци во реално време од милиони телефони и сензори, ги анализира и ви предвидува најбрза рута. Кога условите се менуваат, кога настанува метеж или се затвора пат, апликацијата веднаш се ажурира за да ве води по најдобрата насока.

Сега, замислете ја истата интелигенција применета на целиот град:

  • Семафори што меѓусебно комуницираат за да го намалат метежот односно да зголемат или намалат пропусна моќ во одредени правци.

  • Камиони за отпад што возат само таму каде кантите се полни, штедејќи време и гориво.

  • Итни служби што реагираат побрзо преку анализа на локацијата и приоритетот на настанот во моментот кога се случува.

Клучниот заклучок што се наметнува е дека ВИ помага да ги направиме системите што веќе ги користиме попаметни, побрзи и поефикасни, за да создадеме градови кои функционираат подобро за сите.

Зошто ВИ е важна за градовите?

Секој ден, градовите создаваат огромна количина на податоци, од сообраќајни камери, водомери, сензори за квалитет на воздух, јавен превоз и пријави од граѓаните.

Проблемот е што најголем дел од тие податоци остануваат неискористени бидејќи се премногу обемни за луѓето да ги обработат навремено. Вредни информации се губат, а шансите за подобрување на услугите се пропуштаат.

ВИ го менува тоа. Оваа технологија може брзо и прецизно да анализира огромни количини податоци, претворајќи ги во конкретни информации и препораки за носење подобри одлуки од градските власти. Ова носи четири големи придобивки:

1. Подобра ефикасност

ВИ автоматски се грижи за рутинските задачи, ослободувајќи време на вработените да се фокусираат на посложени проблеми. Пример: ВИ-четбот може веднаш да одговори на чести прашања, како на пример распоредот за собирање отпад, додека персоналот се занимава со итни случаи.

Во Лондон, ВИ се користи за превенција на големи дефекти во водоводната мрежа. Системите на FIDO Tech ги следат звуците под земја и откриваат мали протекувања пред да станат сериозни проблеми. Овој пристап ја намалил загубата на вода за 15% и овозможил заштеди од над 90 милиони долари годишно.

2. Намалување трошоци

ВИ им помага на градовите да постигнат повеќе со помалку ресурси.

Во Јоханесбург (Јужна Африка) се користи ВИ за динамичко планирање на рутите за собирање отпад. Наместо камионите да возат по фиксни патеки, системот пресметува најоптимална рута во реално време врз основа на тоа кои контејнери се полни. Резултатите се: помала потрошувачка на гориво, помалку загадување и побрзо, поефикасно собирање отпад.

3. Подобро донесување одлуки

Традиционално, локалните власти реагираат откако ќе настане проблем – метеж, сообраќаен колапс, дефект на водовод или непријатности со отпадот. ВИ им овозможува на локалните власти да предвидат проблеми и да ги спречат навреме.

Во Питсбург, САД, ВИ-системот Surtrac управува со семафорите во реално време.
Оваа алатка ги намалила патувањата за 25%, ја скратила непотребната работа на моторите за 40% и значително го подобрила протокот на сообраќај.

Во Хангжу, Кина, проектот City Brain обединува податоци од камери, јавен превоз и итни служби, што резултирало со 15% побрз сообраќаен проток и побрзи реакции на итни случаи.

4. Транспарентност и доверба

ВИ помага да се зголеми довербата на граѓаните. Кога одлуките се засновани на податоци и анализа на податоци, а не на анегдотални или субјективни видувања, пристрасни решенија или политички притисоци, полесно е да се следи како се трошат јавните пари. На пример:

  • Граѓаните можат во реално време да ги следат рутите на собирање отпад.

  • Плановите за поправки може да се објавуваат со конкретни докази за потребата од нив.

  • Извештаи за сообраќајот можат да покажат реални подобрувања, како намалување на метежот и загадувањето.

Овие примери покажуваат дека ВИ не е луксуз, туку практична алатка за создавање градови кои се поефикасни, поодговорни и поудобни за живеење.

Со правилна стратегија, општините во Македонија можат брзо, ефикасно и релативно ефтино да скокнат во иднината, создавајќи услуги кои се активни, економични и насочени кон граѓаните.

Можности за Македонија

Како и многу земји, Македонија се соочува со предизвици: урбан раст, ограничени ресурси и сè поголеми очекувања за подобри услуги. Но имаме шанса да ја искористиме ВИ како мотор за развој и да направиме голем чекор напред.

Денес, многу општини користат застарени системи за управување со различни и неповрзани процеси со малку буџет и персонал. Истовремено и оправдано граѓаните бараат почисти улици, подобар сообраќај и поголема транспарентност.

Со мали, практични ВИ проекти, градовите би можеле брзо да покажат резултати:

  • Систем на паметни семафори раководени од ВИ за намалување на метежот и забрзување на патувањата.

  • Јавен превоз во реално време, за побрзо и поудобно планирање на патувањата.

  • Сензори во или до контејнери, за оптимално собирање отпад и заштеда на ресурси.

  • Сензори за квалитет на воздух и вода, за побрзи реакции на загадување.

  • Дигитални близнаци – креирање паралелни виртуелни модели на реалните градови за тестирање урбанистички идеи пред да се изградат.

Замислете го Скопје со проточен сообраќај, почист воздух и сигурни услуги, управувано со податоци и паметна технологија. Ова не е далечна визија, туку можност која може да се искористи веднаш.

Како да се решат предизвиците и ризиците?

Со секоја нова технологија доаѓаат и предизвици што мора да се адресираат отворено за да се изгради доверба.

Еден од стравовите е дека ВИ ќе ги замени луѓето. Иако некои работни места ќе се изгубат или променат, ВИ создава нови улоги, како аналитичари на податоци, техничари и менаџери на системи. ВИ би овозможила постојните вработени во општините да се фокусираат на други, исто така битни задачи.

Друг страв е поврзан со приватноста и заштитата на податоци. Потребни се силни закони и практики за анонимизација. Истовремено на граѓаните треба да им се овозможи граѓански надзор како се користат нивните податоци.

Трошоците не мора да бидат пречка. Општините може да започнат со мали пилот-проекти, а големите иницијативи да се финансираат преку јавни-приватни партнерства.

Сиетл (САД) е добар пример. Таму се воспоставени јасни правила за користење на ВИ, се обучуваат вработените и граѓаните активно се вклучуваат во одлуките. На тој начин се гради доверба и транспарентност.

Идејата на И-ХИ тинк-тенкот е да создаде атмосфера за проактивност и дебата. Нашиот апел кореспондира со максимата дека: иднината е во наши раце!

Треба да бидеме свесни дека ВИ веќе ги трансформира градовите ширум светот. Прашањето за земјава е едноставно: Ќе бидеме ли лидери или следбеници?

Граѓаните може :

  • Да се информираат за тоа како ВИ влијае врз нивниот град.

  • Да ги прашаат кандидатите за нивните планови за паметни градови.

  • Да учествуваат во јавни дебати и процеси на одлучување.

Локалните власти може:

  • Да почнат со мали, практични ВИ проекти.

  • Да соработуваат со универзитети, невладини организации и компании.

  • Да обезбедат транспарентност и етички стандарди во секој чекор.

Октомври е момент за избори, но и за визија. ВИ не е создадена за машините, туку за луѓето и нивниот квалитет на живот. Со мудра примена, би можеле да изградиме почисти, побезбедни и поефикасни градови, каде што граѓаните имаат глас и моќ да влијаат на својата иднина.

Мал речник

  • ВИ (Вештачка интелигенција): Компјутерски системи кои вршат задачи што обично бараат човечка интелигенција.

  • Дигитален близнак: Виртуелен модел на физички систем, како град или водоводна мрежа.

  • Предиктивна аналитика: Користење на податоци за предвидување на идни настани или проблеми.

  • Машинско учење: Вид на ВИ кој „учи“ и се подобрува со анализа на нови податоци.