

Се чини дека ВИ не е некоја безначајна навика. Можна паралела е дека ВИ е поблиску до парадигмата „нормално користење калкулатор“ отколку „експериментална технологија“. Обидот целосно да се забрани ВИ во училиштата е како забрана на Google во 2005 година — технички можно, практично бесмислено.
За што всушност младите ја користат ВИ?
Митот кај постарата популација е дека младите ја користат ВИ за разговори за забава или за измама во школството. Но реалноста е дека ова е техмологија за снаоѓање со предизвиците, што значи и креативна и практична примена или пак за да учат полесно.
Вообичаени начини на употреба според истражувањата вклучуваат:
објаснување сложени теми („Објасни ја квантната механика како да имам 12 години“)
сумирање долги текстови (бидејќи никој повеќе нема време)
изработка или уредување текстови
генерирање идеи
дебагирање кодови
учење јазици
Важно е дека повеќето млади не ја користат ВИ за да избегнат размислување — ја користат затоа што образовниот систем сè уште претпоставува бесконечно време и нула когнитивно оптоварување.
Се чини дека ВИ ја пополнува празнината оставена од застарени наставни програми и недоволно поддржано образование.
Дали постојат реални ризици?
Ризиците се реални — но често погрешно разбрани.
UNESCO предупредува дека некритичката употреба на ВИ може да ги ослаби основните вештини доколку образовните системи не се приспособат.
Со други зборови – тврдењето е дека ако учениците само ја прашуваат ВИ за одговори наместо за објаснувања е штетно бидејќи денес може и да положат испит, но утре во работни услови ќе се соочат со тешкотии. Некои истражувачи сметаат дека оваа крива во графиконот ќе се спушта, бидејќи ВИ ќе стане дел од секојдневниот живот и навиките за брзи и непоткрепени одговори ќе достигнат патос или минимално плато кога ќе биде во прашање вистинската работа.
Друг ризик во психолошката сфера се халуцинациите на ВИ и создавањето лажна самодоверба кај корисниците. ВИ е одлична во тоа да звучи уверливо — дури и кога греши. Вештачката засега звучи како оној самоуверен соученик што гласно одговара на секое прашање. Понекогаш брилијантен. Понекогаш целосно погрешен. Може да се заклучи дека наставниците и понатаму се важни.
Кога станува збор за приватноста и податоците, UNICEF истакнува дека младите корисници често не разбираат каде одат нивните податоци или како повторно се користат:
Имајќи го ова предвид, ВИ писменоста е од највисока важност и мора да вклучува дигитални права, а не само технички вештини.
Дали ВИ ќе го уништи вработувањето на младите?
Краткиот одговор е Не. Но ќе ги уништи „лесните почетоци“.
Светскиот економски форум очекува големи промени на пазарот на труд до 2030 година, не масовна невработеност — но почетните позиции ќе се менуваат брзо: многу експерти за образование забележуваат дека рутинските задачи за почетници (основно пишување, едноставно кодирање, известување) ќе се автоматизираат. Се вели дека работодавците сега очекуваат размислување и расудување, а не само извршување.
Со други зборови – „Знам Excel“ е новото „Знам да чукам на машина“.
Може да се заклучи дека ВИ нема да ги замени младите — но ќе ги замени младите кои не нудат ништо освен задачи што ВИ веќе може да ги извршува подобро, побрзо и без паузи за кафе.


Што всушност треба да учат младите?
Постојат повеќе слоеви за сеопфатен одговор на ова прашање, чија суштина е дека политиките често потфрлаат.
Слој 1: ВИ писменоста треба да биде задолжителна за сите.
Многу земји, како на пример Кина, воведуваат ВИ уште на влезно ниво во образованието, односно кај деца од 7–10 години.
ВИ писменоста треба да вклучува:
како функционира ВИ (на концептуално ниво)
каде греши
како да се проверуваат резултатите
како да се поставуваат подобри прашања (промптинг како размислување, не како магија)
UNESCO и OECD го нагласуваат ова како клучна вештина на иднината, а не изборен предмет.
Слој 2: „Човечки предности“
Ова се вештините што ВИ ги засилува — а не ги заменува:
критичко размислување
структуирано пишување
етика и одговорност
креативност со вкус
соработка
Накратко – иднината им припаѓа на луѓето кои умеат да се расправаат со ВИ, а не слепо да ја прифаќаат.


