ВИ во акција – Глобални успеси од кои нашите градови можат да учат

Во многу градови ширум светот, ВИ веќе се користи за реално решавање на проблеми, од намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на јавната безбедност, до заштита на животната средина и поефикасно користење на ограничените ресурси.

Пишува: Тони Поповски / 21.10.2025

Од визија до реалност

Во првиот блог објаснив што е Вештачка интелигенција (ВИ) и зошто е важна за иднината на градовите во Македонија. Заклучив дека ВИ не се однесува на далечни футуристички технологии, туку на паметни, брзи и ефикасни системи кои го подобруваат секојдневниот живот.

Но, како изгледа ова во пракса? Во многу градови ширум светот, ВИ веќе се користи за реално решавање на проблеми, од намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на јавната безбедност, до заштита на животната средина и поефикасно користење на ограничените ресурси.

Овие глобални успеси не се само инспиративни примери. Тие претставуваат патокази за акција, кои можат да им помогнат на нашите градови да го прескокнат процесот на проби и грешки и да се насочат кон паметна иднина многу побрзо.

Паметна мобилност: Победа над сообраќајниот метеж со ВИ

Сообраќајнитe метежи, шпицови па дури и колапси се едни од највидливите урбани проблеми. Во градската сообраќајна џунгла граѓаните трошат премногу време кое би можеле попродуктивно да го искористат, се загадува воздухот, а неодминлив е и стресот во сообраќајот, што според анализите го намалува вкупниот квалитет на животот и добросостојбата. ВИ носи нов пристап во управувањето со сообраќајот и јавниот превоз.

Примери:

Питсбург, САД – Адаптивни семафори

Во Питсбург, систем наречен Surtrac користи ВИ за континуирано следење на сообраќајот и автоматско прилагодување на семафорите во реално време.
Резултатите се впечатливи:

  • 25% помалку време за патување.

  • 40% помалку непотребно работење на моторите на возилата.

  • Почист воздух и подобрен проток на сообраќај.

Овој систем не само што го забрзува патувањето, туку ја подобрува и животната средина.

Хангжу, Кина – „Градски мозок“

Хангжу, град со повеќе од 10 милиони жители, некогаш бил познат по хаотичниот сообраќај. Властите го спровеле проектот City Brain („Градски мозок“) – огромна ВИ платформа која ги поврзува сите извори на податоци: сообраќајни камери, GPS уреди, јавен превоз и итни служби, и ги постигнале следниве резултати:

  • 15% зголемување на просечната брзина на сообраќајот.

  • Брза и ефикасна координација на итните служби.

  • Подобра организација на јавниот превоз и логистиката.

„Градскиот мозок“ не само што реагира на проблемите – тој ги предвидува и спречува пред да настанат.

Лондон, Обединетото Кралство – Паметен јавен превоз

Лондон користи ВИ за управување со својот огромен систем за превоз на патници. Во реално време се следи бројот на патници, се оптимизираат возните редови и се предвидува пренатрупаност во автобусите и возовите. Благодарение на отворените податоци, градот постојано ги подобрува услугите за патниците.

Поука за Македонија: ВИ семафори и апликации за следење на јавен превоз во реално време се достапни и ефикасни решенија кои можат да се применат во Скопје и други македонски градови за намалување на метежот.

Отпад и вода: Повеќе резултати со помалку ресурси

Управувањето со отпад и водоводните мрежи е од суштинско значење за секој град, но овие системи често се неефикасни и скапи. ВИ може да ги оптимизира услугите и да го намали загадувањето. Примери:

Јоханесбург, Јужна Африка – Паметно собирање отпад

Јоханесбург користи ВИ за динамичко планирање на рутите на камионите за отпад. Камионите не следат фиксни распоредени рути, туку одат само до контејнерите кои се навистина полни. Резултат:

  • Помалку потрошено гориво.

  • Намалени емисии на штетни гасови.

  • Побрза и поефикасна услуга.

Лондон, Обединетото Кралство – Детекција на водоводни дефекти

Во Лондон, FIDO Tech разви систем кој „слуша“ под земја и открива истекување на вода. Ова доведе до:

  • 15% намалување на загубите на вода.

  • Заштеда од преку 90 милиони долари годишно.

  • Подобра и посигурна водоводна услуга.

Поука за Македонија: ВИ решенија за паметно собирање отпад и предиктивно одржување на водоводните системи ќе им овозможат на општините да штедат средства, а во исто време да обезбедат подобри услуги за граѓаните.

Јавна безбедност: Заштита со паметни технологии

Безбедноста е една од најважните задачи на локалните власти. ВИ може да им помогне на полицијата и итните служби да реагираат побрзо и да спречат проблеми пред да е предоцна. Примери:

Сингапур – Предвидлива јавна безбедност

Сингапур користи ВИ за анализа на податоци од камери и сензори за рано откривање на потенцијални закани. Системот овозможува навремени реакции во случаи на природни катастрофи, големи собири или кризни ситуации.

Барселона, Шпанија – Управување со големи настани

Барселона е домаќин на бројни фестивали и спортски настани кои привлекуваат десетици илјади луѓе. ВИ системи се користат за следење на движењето на големи групи луѓе во реално време, што овозможува:

  • Спречување на пренатрупаност.

  • Брза координација на итните служби.

  • Подобра организација на настаните.

Поука за Македонија: ВИ може да ја зголеми безбедноста на големи собири, како концерти, спортски настани или протести, преку подобра координација на службите, но притоа треба да се внимава на етичка употреба на податоците.

Заштита на животната средина:
Податоците во служба на поголема отпорност

Градовите играат клучна улога во борбата против климатските промени. ВИ обезбедува алатки за следење и управување со природните ресурси. Примери:

Хелсинки, Финска – Дигитален близнак на градот

Хелсинки разви дигитален близнак кој претставува виртуелна копија на целиот реален град. Овој модел им овозможува на урбанистите да:

  • Тестираат како новите згради влијаат на проветрувањето и достапноста на сончевата светлина.

  • Анализираат сообраќајни промени пред да се спроведат.

  • Планираат зелени површини и решенија за адаптација кон климатски промени.

Амстердам, Холандија – Паметно следење на загадувањето

Амстердам користи ВИ сензори за следење на квалитетот на воздухот во реално време. Ова помага да се идентификуваат изворите на загадување и да се преземат насочени мерки за подобрување на воздухот. Податоците се јавно достапни, што ја зголемува довербата на граѓаните.

Поука за Македонија: Со оглед на високото загадување во Скопје, Тетово, Битола но и другите поголеми градови во Републиката, ваквите технологии би овозможиле точни и навремени информации за ефективни мерки против загадувањето.

Клучни чекори за македонските градови

Примерите од светот покажуваат дека ВИ не е само за богатите и технолошки развиени градови. Многу решенија – како паметни семафори и сензори за отпад, се достапни и лесно применливи и во Македонија.

И-ХИ Тинк Тенк ги препорачува следниве почетни чекори:

  1. Започнување со пилот-проекти – мали проекти во еден кварт или за една комунална услуга.

  2. Фокус на приоритетни области – сообраќај, отпад и јавна безбедност/отпорност.

  3. Партнерства – соработка со универзитети, невладини организации и компании.

  4. Вклучување на граѓаните – транспарентност и заедничко донесување одлуки.

ВИ веќе ги трансформира градовите во светот. Македонија може да избегне скапи грешки и да напредува побрзо, ако учиме од овие примери. Со избор на политики и проекти кои ја користат технологијата на мудар начин, можеме да изградиме градови кои се почисти, побезбедни и подобро поврзани, каде што технологијата е во служба на луѓето.